Varna University of Management, Varna, 13A Oborishte str.
+359 52 620 871

Економскиот институт – Скопје

Економски институт – Скопје е основан во 1952 година како независна институција за економски истражувања. Денес, Економскиот институт-Скопје е составен дел на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје со 66-годишна историја и традиција како во истражувања, така и во високото образование.

Економскиот институт спроведува истражувања во разни области, вклучувајќи:

(1) истражувањата во областа на економијата ги опфаќаат економскиот и регионалниот развој, човековиот развој, економската политика, работната сила и демографијата, меѓународната економија, меѓународната трговија, девизниот, фискалниот и монетарниот систем, економијата на туризмот, земјоделската економија, животен стандард на населението;

(2) истражувањата во областа на организациските науки ги опфаќаат инвестициите и управувањето со инвестициите, маркетинг менаџмент, деловна политика и корпоративни финансии, менаџмент информациони системи, менаџмент и корпоративно управување, управување со човечките ресурси, претприемништво, е-трговија, управување со агробизнисот, управување со проекти;

(3) истражувањата во областа на демографијата ги опфаќаат интеракцијата помеѓу демографските, економските и социјалните процеси, демографските модели и методи.

Од своето основање, Економскиот институт реализираше повеќе од 450 проекти, над 120 одделни публикации и одржа повеќе од 40 обуки за развој на бизнисот од претприемнички старт-ап, развивање деловни вештини до ИТ и обуки за финансиски проценки.

Економскиот институт-Скопје го објавува меѓународното научно списание “Економски развој”, индексирано во базите на податоци на EBSCO и CEEOL, кое опфаќа трудови за макро- и микро-економски прашања.

Спроведувајќи ја својата примарна дејност, Економскиот институт нуди и спроведува истражувања, обуки и консултантски услуги на владините институции, приватниот сектор, меѓународните организации и слично.

Економскиот институт нуди постдипломски студии, според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС), по: Меѓународна економија, Финансиски менаџмент, Бизнис логистика, Претприемништво, Агробизнис, Бизнис менаџмент и Меѓународен менаџмент.

Економскиот институт – Скопје е основач и член на Асоцијацијата на економски институти на Југоисточна Европа (SEEA) формирана во 2012 година.

Во 2014 година, Економскиот институт – Скопје ја основа Претприемничката лабораторија која е фокусирана на активности кои се однесуваат на тестирања, експерименти и истражувања од областа на претприемништвото, развој на претприемачки вештини, управување со старт-ап бизниси и развој на претприемнички компании. Претприемничката лабораторијата ги поддржува старт-ап бизнисите преку потврдување на нивните идеи врз основа на научни методологии, техники, инструменти и алатки.

Економскиот институт – Скопје се приклучи на партнерскиот конзорциум HELIX во последниот квартал од 2018 година, една година пред финализирањето на проектот а по повлекувањето на првиот партнер од ПЈРМ.

Leave a reply